Напаѓачот Мојзе Кен закрепна од повредата и е целосно подготвен да се врати во игра за Фиорентина, објави клубот од Фиренца. Дваесет и петгодишниот офанзивец беше надвор од терените поради повреда на главата, здобиена на натпреварот против Верона на 23 февруари.
Кен беше ненамерно удрен со колено од Павел Давидович и иако накратко се врати на теренот, подоцна колабира.
„Фудбалерот Мојзе Кен ги мина сите потребни медицински третмани и последователните тестови за повредата на главата здобиена на натпреварот против Верона. Резултатите се позитивни и тој е подготвен за враќање во игра“, соопштија од Фиорентина.
Кен, кој претходно играше за Пари Сен Жермен, Јувентус и за Евертон, беше отпуштен од болница ден по инцидентот, а тестовите за потрес на мозокот беа негативни.