Рускиот ракометар Тимур Дибиров, вечерва го одигра својот последен натпревар во Лигата на шампиони. Дибиров кој две децении играше елитен ракомет, завршува како втор стрелец во историјата на ЛШ, зад Кирил Лазаров.
Неговиот актуелен клуб, ППД Загреб, загуби дома од полски Киелце со 26-27, а Дибиров на последниот меч во својата импресивна европска кариера заврши со 2 постигнати гола.
Дибиров кој во јули ќе наполни 42 години, во кариерата играше само за три клуба: Чеховски Медведи, Вардар и Загреб. Најдлабока трага остави во Скопје, каде што беше дел од црвено-црниот тим од 2013 до 2022 година, и двапати ја освои Лигата на шампионите. Беше омилен кај фановите поради атрактивните голови, а има и македонско државјанство.
ЕХФ објави видео со убави голови на Тимур од времето кога играше за Вардар.
„Ти благодариме господине Дибиров. Ти благодариме што нè тераше да станеме од нашите седишта, што нè натера да веруваме во магија и што го направи ракометот поубав спорт“, порачаа од Европската ракометна федерација.
. Thank you for getting us out of our seats, for making us believe in magic ✨ and for making #handball a more beautiful sport #ehfcl #CLM pic.twitter.com/IvhLh2P7Pb
— EHF Champions League (@ehfcl) March 5, 2025