Манчестер јунајтед има ужасна сезона, но останува фактот дека може да ја заврши со трофеј доколку биде најдобар во Лигата на Европа. Англискиот гигант вечерва ќе гостува кај Реал Сосиедад во првиот меч од осминафиналето.
Интересно е дека Манчестер јунајтед ја нема улогата на фаворит, што значи дека и реми би било добар резултат за тимот на Рубен Аморим. Португалскиот стратег на чело на Манчестер вели дека не е приоритет настапот во Лигата на Европа, но дека сепак, тоа може да биде многу значајно.
„Нашиот настап во Лигата на Европа не е одлучувачки за иднината на клубот, но може да направи голема разлика во оваа сезона бидејќи веќе сме надвор од борбата за останатите пехари. Лигата на Европа може да промени многу работи, дури и начинот на којшто се гледа тренерот. Манчестер јунајтед може да ги привлече најдобрите играчи и кога не играат во Лигата на шампионите. Сепак, ние мора да се обидеме да го постигнеме тоа. Во моментов има многу поважни работи од освојување купови, но разбирам дека освојувањето на Лигата на Европа може да промени многу работи за нашата наредна сезона“, вели Аморим.
Ако се случи Манчестер да триумфира во второто по ранг натпреварување во Европа, автоматски ќе обезбеди место за настап во Лигата на шампионите за следна сезона, нешто што сигурно не може да се случи со настапите, игрите и освоените бодови во Премиер лигата, каде што Црвените ѓаволи се на 14-тото место на табелата.
„Ние како клуб мораме да размислуваме за долгорочниот проект. Не треба да мислиме дека ако не освоиме куп, ќе бидеме во лоша позиција, ниту дека ако ја освоиме Лигата на Европа, ќе бидеме во исклучителна позиција бидејќи проблемите ќе останат дури и во Лигата на шампионите. Навистина сум уверен дека клубот може да постигне големи цели. Сакам да ја покажам големата слика. Но, ова е живот на резултати и ние мора да победуваме. Можеби сум малку поразочаран од мојот прв ден, но останувам самоуверен.
Системот со којшто играме не е проблемот. Имаме многу други проблеми. Секој систем има потреба од различни карактеристики. Но, јас бев многу јасен: имам една идеја како да играм фудбал и што и да се случи, нема да ја променам. И не зборувам за системот, туку за начинот на којшто го гледам фудбалот“, изјави Аморим во пресрет на денешниот дуел против Сосиедад.