Ѓоковиќ шокантно елиминиран на стартот на Индијан Велс

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е елиминиран на стартот од годинешниот Индијан Велс. Подобар од освојувачот на 24 гренслем титули во второто коло беше Ботик ван де Зандшулп со 2-1 во сетови (6-2, 3-6, 6-1).

По елиминацијата во првиот меч во Доха против Матео Беретини, Новак се врати во „тенискиот рај“, каде што има освоено дури пет титули, но од последната во 2017 година не бележи добри резултати.

Така беше и минатата година кога беше елиминиран од Лука Нарди, а истото се повтори и сега, кога подобар беше холандскиот тенисер, инаку „среќен губитник“ кој беше елиминиран во квалификациите за првиот Мастерс во сезоната – исто како и италијанскиот тенисер минатата сезона.

„Среќен губитник“ беше пораката што Ботик ја напиша на објективот на ТВ-камерата, откако го расипа јубилејот на Новак – неговиот 500-ти меч на Мастерс турнирите.

Не само што по чиста среќа се најде на турнирот, туку имаше среќа и во првото коло против повредениот Ник Кирјос, а потоа реши за целата таа „непланирана среќа“ да се оддолжи и сосема заслужено да слави против Новак Ѓоковиќ во нивниот втор меѓусебен дуел, првиот му припадна на српскиот тенисер.

- Оглас -

Најнови вести