Мота: Веќе нема да се зборува дека сме во трката за титулата

Тренерот на Јувентус, Тијаго Мота, по поразот од 0-4 од Аталанта на домашен терен рече дека клучен бил пеналот за гостите, по кој ситуацијата на теренот драстично се сменила.

„Не сакам да коментирам дали пеналот е правилно досуден, но по него сè се сврте против нас. Отидовме со повеќе играчи во напад, но имаше празнини во нашата одбрана. Првиот гол нè исфрли од рамнотежа, а Аталанта, која има брзи играчи и одлична е во контри, умешно го искористи слободниот простор. Тажни сме, разочарани сме, но барем повеќе нема да се зборува за нас како дел од борбата за титулата во која нè вовлекоа“, изјави Мота.

Јувентус е четврти на табелата и има 9 бода помалку од првопласираниот Интер, па најверојатно сезонава ќе ја заврши без освоен трофеј откако испадна и од Лигата на шампионите и од Купот на Италија.

„Мислам дека овој пораз не може да се спореди со елиминацијата од Емполи во Купот. Ситуациите се радикално различни. Денеска почнавме добро, но сè се смени по пеналот. Не можевме да останеме компактни, тоа делумно го припишувам на недостатокот на искуство, ние сме млад тим“, додаде Мота.

- Оглас -

Најнови вести