По успешно реализирани три изданија на ракометниот камп „40х20“ во балканскиот бисер Охрид, организаторот на кампот, агенцијата КМГ Спорт, ги стартува подготовките и го најавува четвртото издание на еден од најквалитетните ракометни настани во регионот.

Како содржина на кампот, посебно внимание се обрнува на индивидуалниот пристап во работата со учесниците од повозрасните групи, работа во мали групи, поделени според позицијата која ја практикуваат во ракометот. Тоа го прави овој камп уникатен, многу квалитетен и продуктивен. Но, на кампот во Охрид нема само ракомет. Содржината е обемна и прилагодена на возраста на одредени групи на деца.
„Ние како агенција имаме огромно искуство во организација на вакви настани, а истовремено сме благодарни на екипата од тренери, доктори, предавачи и гости на кампот, свесни за нивните, пред сè, човечки квалитети и високиот степен одговорност кои ги презентираат кон децата и нивните родители. На кампот имаме деца од 7-17 години и токму затоа програмата е различна во однос на возраста. Кај оние највозрасните (14-17 години) се работи и трипати на ден, во голема мера индивидуално, со цел отстранување на недостатоците и надградба на знаењето од ракометен аспект, но и во однос на спортска психологија, додека со помалите категории се работи во групи од 8 до 15 деца. Покрај ракометот, на менито има и доста едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно користење на базенот во комплексот на хотелот ‘Десарет’“, заврши Ѓоргоноски.
Организаторот на кампот го најавува стартот на пријавувањето, кое е предвидено за понеделник (10.03.2025 година) од 12 часот, за сите заинтересирани кои сакаат да го осигурат своето место за незаборавно ракометно искуство. Имајќи предвид дека минатата година пријавувањето заврши за само пет дена, а интересот оваа година е уште поголем, се очекува местата за учество да се пополнат за уште пократко време. Истовремено, организаторот потенцира дека имајќи предвид дека кампот има интернационален предзнак, интересот и на децата од странство е зголемен и се очекува учество на повеќе деца од Шведска, Србија, Шпанија и останатите земји од регионот и цела Европа.
Задржувајќи ја праксата од претходните изданија, пред одржување на кампот, секој учесник ќе биде детално прегледан во Клиниката „Жан Митрев“, медицинскиот партнер на кампот, со цел добивање јасна слика за моменталната здравствена состојба на секој негов учесник, сегмент кој е од исклучителна важност за организаторот на кампот, но и за родителите на учесниците.
Планирано е, како и минатите години, за да се придонесе во насока на едукација на тренерите кои работат со млади категории во Македонија, организаторот да реализира тренерски семинар во рамките на самиот настан, но и воведување нови содржини за учесниците на кампот, каде што наши успешни ракометари и репрезентативци ќе ја раскажат својата спортска приказна како поттик за новите ракометари на Македонија.