Интер против Баерн Минхен е првата позната четвртфинална двојка во Лигата на шампионите. Шампионот на Италија и најтрофејниот тим во Германија немаа проблеми и во осминафиналето со по две победи над Феенорд, односно над Баер Леверкузен, си обезбедија место во следната рунда, односно меѓусебен двомеч.
Интер и Баерн Минхен играа во финалето од Лигата на шампионите во 2010 година. Тогаш во тимот на Интер беше и Горан Пандев, кој со Нераѕурите се радуваше на триумф од 2:0 и се искачи на континенталниот фудбалски трон.
Вечерва ќе бидат познати и останатите три четвртфинални пресметки. Јасно е дека Арсенал оди понатаму, а ривалот ќе му биде од Мадрид, но прашањето е дали ќе биде Реал или Атлетико.
ПСЖ го преживеа пеколот на „Енфилд роуд“ и го елиминира Ливерпул, а сега му се мести уште еден противник од Премиер лигата, но реално многу послаб, а тоа е Астон вила. Тимот од Бирмингам има предност од 3:1 над Бриж и вечерва на свој терен само треба да го потврди местото во Топ 8 екипите.
Својот ривал во четвртфиналето го чека и Барселона, а тоа ќе биде подобриот од дуелот меѓу Лил и Борусија Дортмунд. Првиот меч во Германија заврши 1:1, што значи вечерва во Фанција едноставно мора да има победник.