Фудбалерот на Барселона, Дани Олмо, во интервју за GQ откри дека имал понуда од Хрватската фудбалска федерација да земе хрватско државјанство и да игра за Хрватска на Светското првенство во 2018 година.
„Играв за Динамо и во 2017 година бев повикан од Хрватската федерација. Ми понудија можност да играм за Хрватска. Сакаа да играм за нив на СП во 2018 година. Понудата на Хрватска во тој момент значеше и поголема сигурност за мојата иднина, но јас сум Шпанец, знаев дека ќе добијам шанса да заиграм и за сениорската селекција на мојата земја. Бев многу среќен што Хрватска стигна до финалето на тоа Светско првенство во 2018 година, но во ниту еден момент не зажалив што ја одбив поканата на Хрватска, ниту пак помислив дека сум направил погрешен избор. Тогаш играв за младинската репрезентација на Шпанија и мојата желба беше да играм за сениорската“, раскажа Олмо.
Желбата му се исполни во 2019 година, дебитираше во евроквалификациите против Малта и постигна гол само по три минути откако влезе во игра. Со Црвената фурија, Олмо лани освои европска титула, беше и младински европски првак со У-21 тимот, има олимписко сребро и ја освои Лигата на нациите.
Олмо како 16-годишен му се приклучи на Динамо од академијата на Барселона, помина пет и пол години во хрватскиот тим, по што беше продаден на Лајпциг во јануари 2020 година за 34 милиони евра. Лани се врати во Барселона, која за него плати отштета од 55 милиони евра.