Главниот судија на реваншот меѓу Атлетико Мадрид и Реал Мадрид, Шимон Марќињак, предизвика огромна бура откако не ја призна пенал-ситуацијата на Хулиан Алварес. Тој целосно ја презеде одговорноста за одлуката и категорично ги отфрли обвинувањата дека Килијан Мбапе им кажал на судиите за двојниот допир на Аргентинецот со топката.
УЕФА ја аргументираше со видеоснимка одлуката за непризнавањето на голот од пенал на Алварес и најави дискусија за можни промени во правилото.
„Јас ги информирав судиите во ВАР-собата дека има 99% шанса за двоен допир од Алварес и тие детално ја прегледаа ситуацијата. Дали Мбапе им кажал на судиите дека Алварес направил двоен допир? Тоа воопшто не е вистина, јас бев тој што ги информира. Искрено, никогаш во мојата судиска кариера не сум се сретнал со ваква ситуација, но и играчите ги знаат правилата“, изјави Марќињак, преземајќи целосна одговорност за својата одлука.
Интересно е што Марќињак немал ангажман во Лигата на шампионите од 18 февруари, кога беше главен судија на натпреварот Милан – Феенорд, на кој покажа два црвени и пет жолти картони, што според неофицијални информации, не ѝ се допаднало на УЕФА.
Европската фудбалска федерација вчера издаде официјално соопштение во кое со видеодокази ја оправда исправноста на одлуката на Марќињак, но воедно најави дискусии за тоа дали самото правило треба да биде ревидирано.