Вардар и Шкендија со реми, 1-1, го отворија 24-тото коло од Првата македонска фудбалска лига. Останатите пет меча ќе се одиграат денес, а фаворитите ова коло гостуваат.
Силекс, Работнички и Гостивар ќе се обидат да го искористат киксот на Шкендија и да ѝ се доближат во борбата за титулата. Кратовци се фаворити на гостувањето кај Брера со квота од 1.89, а нешто поголема е квотата за победа на Работнички кај Воска, 1.95.
Според квотите најтешко ќе му биде на Гостивар, кој попладнево патува на гостување во Кавадарци, кај екипата на Тиквеш. Квотата за победа на гостивар е 2.55.
Актуелниот шампион, Струга, е далеку од борбата за титулата, но е во горниот дел од табелата, па квотата за победа против „фенерџијата“ Беса е 1.72. Најголем фаворит според квотите ова коло е Шкупи, кој на „Чаир“ го пречекува битолски Пелистер.
На табелата води Шкендија со 50 поени, пет повеќе од Силекс и по шест плус во однос на Гостивар и Работнички. Сепак, тетовските „црвено-црни“ веќе го одиграа својот меч од ова коло, па конкурентите може да им се доближат на два, односно три бода.