Ландо Норис ја започна сезоната 2025 во Формула 1 со брилијантна победа во тоталниот хаос што настана поради дождот на Големата награда на Австралија. На втората позиција заврши светскиот првак Макс Ферстапен, а на подиумот имаше место и за Џорџ Расел.
Трката започна на сува патека, но потоа повторно заврна, што доведе до хаос. Првите „жртви“ беа Норис и неговиот тимски колега Оскар Пјастри. Додека Норис успеа да избегне поголема штета, Пјастри ги загуби шансите за победа пред домашната публика и заврши на дното од топ 10.
LANDO NORRIS WINS THE AUSTRALIAN GRAND PRIX! 🏆#F1 #AusGP pic.twitter.com/wTMV1El0lK
— Formula 1 (@F1) March 16, 2025
По хаосот, Норис победи пред светскиот шампион Макс Ферстапен и Џорџ Расел, кои му се придружија на подиумот. Четврти заврши Андреа Кими Антонели, кој стартуваше од 16-та позиција и имаше брилијантно деби, но подоцна доби казна од пет секунди за опасно враќање во бокс по едно од менувањата на гумите.
Оваа санкција го спушти Италијанецот на петтото место, зад Алекс Албон. Останатите позиции во зоната на бодовите ги зазедоа Ланс Строл, Нико Хулкенберг, Шарл Леклер, Пјастри и Луис Хамилтон, чие деби за Ферари не ги исполни очекувањата.
До целта стигнаа и Пјер Гасли, Јуки Цунода, Естебан Окон и Оливер Бирман. Трката не ја завршија Лиам Лоусон, Габриел Бортолето, Фернандо Алонсо, Карлос Саинц, Џек Дуен и Исак Хаџар, кој се откажа уште во загревачкиот круг, што го одложи стартот за 15 минути.
Во генералниот пласман кај возачите, по првата трка, Норис води со 25 бодови, седум повеќе од Ферстапен. Трет е Расел со заостанување од 10 поени.
Кај конструкторите, Мекларен е на врвот со 27 бодови, само два повеќе од Мерцедес. Ред Бул е трет со 18 поени.
Сезоната 2025 во Формула 1 продолжува следната недела со Големата награда на Кина, која ќе го вклучи првиот од шесте спринтови оваа година.