Барселона дојде до фантастична победа на гостувањето кај Атлетико Мадрид со 2-4 и тоа откако имаше негатива од 2-0 после 70 минути игра. Хулијан Алварес во 45-тата и Александер Сорлот во 70-тата минута донесоа големи 2-0 за Атлетико Мадрид, а на „Ванда Метрополитано“ веќе се чувствуваше победата со која „јорганџиите“ ќе останеа во борба за титулата.
Сепак, така не мислеа гостите од Каталонија. Најпрво Роберт Левандовски во 72-рата минута донесе намалување на водството на противникот, а Феран Торес во 78-мата минута го израмни резултатот на 2-2.
Ламине Јамал во 92-рата минута со помош на одбраната на Атлетико погоди за водство на „каталонците“, а точка на победата стави Феран Торес во 98-мата минута.
Со оваа победа Барселона се врати на врвот од табелата во Ла Лига, но има ист број на бодови како и Реал Мадрид, 60, но и натпревар помалку, оној одложениот против Осасуна од минатиот викенд. Атлетико Мадрид останува третопласиран со 56 поени.