Килијан Мбапе повторно се врати да биде дел од репрезентацијата на Франција, и тоа за дуелот против Хрватска во полуфиналето на Лигата на нациите. Голгетерот на Реал Мадрид сигурно ќе биде главен адут на Галските петли. Моментално Мбапе се наоѓа во одлична форма и е вистински предводник на Реал Мадрид, клубот за којшто потпиша на почетокот на оваа сезона.
Во 43 меча кои ги одигра сезонава, Мбапе има 30 гола и четири асистенции, што, секако, се бројки за почит. На последниот меч против Вилјареал, Мбапе ги постина двата гола за победа на теренот на Жолтата подморница за првпат по осум години пауза.
По доаѓањето во репрезнтативниот табор, Мбапе на соиграчите и на новинарите им ги кажа импресиите од клупскиот фудбал во Реал.
„Реал Мадрид не е тоа што го очекував… Ова е нешто посебно. Тоа е повеќе од клуб. Сè е неверојатно, навивачите, притисокот, стадионот, луѓето кои те пречекуваат без разлика на кој дел од светот се наоѓаш. Неверојатна работа“, рече Мбапе.
Мбапе е најмладиот фудбалер во историјата на фудбалот што стигнал до бројката од 500 гола во кариерата. Сега тој очекиува добрата форма да ја покаже и во националниот тим. Секако, тој е еден од главните фаворит во борбата за Златна топка за оваа година.