Од фудбалскиот клуб Вардар официјално потврдија дека на 16 април во Скопје ќе се игра хуманитарен натпревар помеѓу најтрофејниот македонски и најтрофејниот српски фудбалски клуб како акт за помош на настраданите во огнената стихија во Кочани.
Генералниот директор на Ѕвезда, Звездан Терзиќ, и извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски, вечерва се договориле двата клуба да одиграат хуманитарен натпревар во Скопје на 16 април. Сите средства собрани од влезници и спонзори ќе одат за семејствата на настраданите во огнениот пекол во Кочани.
Натпреварот ќе се игра во ноќен термин под рефлектори.
„ФК Вардар изразува огромна благодарност до големите фудбалски пријатели и нивната армија од навивачи за овој бескрајно голем хуман потег. Двата клуба договорот ќе го потпишат во текот на утрешниот ден. Исто така изразуваме голема благодарност до легендата на Вардар и Црвена ѕвезда, Илија Најдоски, со чие посредништво е овозможен овој спектакл“, објавија Црвено-црните.
Претходно Дарко Панчев, кој исто така е легенда на овие два клуба, рече дека негова е идејата за ваков хуманитарен меч, како и за дуел на репрезентациите на Македонија и Србија во мај.