Челзи го потврди учеството во четвртфиналето во Лигата на Европа со убедливиот триумф над Динамо во Киев од 5-0. Со вкупен резултат од 8-0, „сините“ се најдоа меѓу најдобрите осум екипи во ова натпреварување, а денес ќе го дознаат својот следен противник по ждрепката во Нион.
Менаџерот Маурисио Сари беше задоволен од настапот на својата екипа, а од можните противници во четвртфиналето, не би сакал да игра само против Наполи. Со поранешниот тим би сакал да се соочи дури во финалето, доколку двете екипи стигнат до самата завршница.
„Преферирам да се соочам со Наполи во финале. Тоа, пред сè, би значело дека ние би обезбедиле пласман и борба за пехарот, а потоа затоа што и Наполи ќе биде таму, тоа би ме направило многу среќен. Ако играме против нив во четвртфинале или полуфинале, поради поврзаноста со клубот, градот и навивачите, ќе ми биде многу тешко да гостувам во Неапол“, истакна Сари по средбата во Украина.
Можни противници на Челзи за четвртфинале се Наполи, Арсенал, Славија Прага, Вилјареал, Валенсија, Бенфика и Ајнтрахт Франкфурт. Ждрепката за ЛЕ е денес, а паровите ќе се дознаат по добивањето на четвртфиналните двојки од Лигата на шампионите.