Кошаркарите на Париз вечерва направија голем чекор кон пласман во нокаут-фазата на Евролигата. Тие во првиот натпревар од 30-то коло на домашен терен го совладаа тимот на Олимпија Милано со 92-79.
Ова е 17-та победа за Париз, додека Армани сега има ефект од 16-14.
Почетокот на натпреварот најави како ќе се одвива играта. Предводени од Ти Џеј Шортс, кошаркарите на Париз во воведните минути поведоа со 12-0 и до крајот на мечот во ниту еден момент не го испуштија водството.
Разликата варираше, Армани во еден момент во првата четвртина се доближи на минус два, но тоа беше најмногу што гостите успеаја да направат. Неколку пати пријдоа на четири поени разлика, но Париз секогаш наоѓаше начин да одговори и да го спречи нивниот налет.
Ти Џеј Шортс блескаше со 24 поени, десет асистенции и шест скокови, додека Ерера и Ло запишаа по 13 поени.
Армани вечерва не личеше на тимот што во претходното коло ја совлада Црвена ѕвезда во Белград. Единствено Нико Манион беше расположен во првото полувреме, постигнувајќи 15 поени, но во второто полувреме беше запрен и мечот го заврши со 17 поени. Поефикасен од него беше само Козер со 18, додека Зак Ледеј постигна 14 поени. Разочара Никола Миротиќ, кој заврши со само шест поени и четири скока. Ненад Димитријевиќ не настапи поради повреда.