Лука Јовиќ го постигна голот со кој Ајнтрахт го елиминираше Интер од Лигата на Европа и веројатно доби голем плус кај тројцата претставници на Барселона кои беа дојдени во Милано да го гледаат и да скаутираат.
Младиот Србин со Ајнтрахт направи нешто што ниту Барса не успеа оваа сезона, а тоа е да го победи Интер на гостински терен. Каталонците одиграа само 1-1 на „Џузепе Меаца“.
Јовиќ сезонава е во одлична форма, ги решета мрежите во Бундеслигата, а во Лигата на Европа стигна до четвртфиналето, што е успех. Со голот против Интер, неговата цена порасна уште повеќе. Тоа го знаат спортскиот директор на Барселона, Ерик Абидал, и неговите соработници Рамон Планес и Хозе Сегура, кои беа со него да го гледаат Јовиќ.
Се очекува Абидал по враќањето во Барселона, да пренесе позитивни впечатоци и клубот да почне да преговара со менаџерите на Јовиќ. Ајнтрахт не би ја продал својата ѕвезда за помалку од 50 милиони евра. И други клубови се интересираат за Јовиќ, но Барса делува најзаинтересирано.