Алкалоид одигра нерешено 31:31 на гостувањето кај Баја Маре во Романија, во првиот меч од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија на овој меч беше без еден од своите најдобри играчи, Марко Митев, кој заработи тешка повреда на коленото.
И без Митев, тимот од Автокоманда покажа дека е подготвен да стигне далеку во ова европско натпеварување.
Мечот во Романија започна со доминација на домашниот тим кој речиси посотојано имаше контрола на резултатот во првиот дел, па по 30 минути игра беше 19:15 во корист на Баја Маре. Романскиот тим поведе и со 21:16 на почетокот на второто полувреме, но Алкалоид не се предаде.
Тимот на тренерот Кирил Лазаров со фуриозна игра и серија од 8:2 стигна до водство од 24:23. Во еден момент Алкалоид водеше и со 27:24, но Романците се вратија во игра и израмнија на 27:27.
Во финишот на дуелот Алкалоид повторно водеше, овојпат со 31:29, но Баја Маре прво намали на 30:31, а потоа во последниот напад, домашниот тим со гол од пенал стигна до реми.
Реваншот ќе се игра на 30 март во Скопје, кога на Алкалоид ќе му биде доволна и минимална победа од еден гол за да стигне до полуфиналето во ова европско натпреварување.