Стракоша задоцни на аеродром и нема да брани за Албанија

Иако е еден од најдобрите голмани во Серија А, Томас Стракоша од Лацио нема да биде на голот на албанската репрезентација на претстојните мечеви од квалификациите за ЕП 2020 бидејќи задоцнил на собирот на националниот тим, па беше пречкртан од селекторот Кристијан Панучи.

Стракоша го прошуштил летот од Рим за Тирана затоа што одејќи кон аеродромот во главниот град на Италија заглавил во сообраќаен метеж. За Панучи, тоа објаснување не го оправдувало Стракоша, па иако голманот ветил дека со првиот следен лет ќе дојде во Албанија, селекторот му рекол дека нема потреба бидејќи е исфрлен од тимот.

Панучи инсистирал на почитување на договорот, а на негова страна застанаа и во Фудбалската федерација на нашиот западен сосед.

„Жал ми е за Стракоша, тој е важен дел од нашиот тим, но дисциплината мора да се почитува. Ако сите твои соиграчи дојдат навреме во договорениот термин, мораш и ти. Ова нека биде лекција за во иднина. Репрезентацијата е над сè“, рече претседателот на Федерацијата, Арманд Дука.

Албанија на 22 март игра со Турција, а три дена подоцна со Андора.

 

- Оглас -

Најнови вести