Зинедин Зидан ќе го започне обновувањето на составот на Реал со купување на една ѕвезда од Ливерпул, но францускиот стратег не се интересира за Мо Салах. Прва цел е Садио Мане, Сенегалецот кој сезонава блеска во црвениот дрес и во изминатиов период се истакна како најдобар играч во екипата која ја предводи Јирген Клоп.
Мане беше цел на „кралевите“ и минатиот летен преоден рок, но заминувањето на Зидан ги промени плановите и не тргнаа по неговиот потпис. Сега, откако се врати, Зизу ќе се обиде да си ја исполни желбата. Засега не е спомената сума, но јасно е дека Клоп нема лесно да се откаже од одличното крило кое сезонава брои 17 погодоци во Премиер лигата, исто колку и неговиот соиграч Салах.
Останува да се почека отворањето на летниот трансфер-пазар, а ако Реал успее да најде заеднички јазик околку потписот на Мане, тоа индиректно ќе значи дека на Зидан му помина „меракот“ за Азар бидејќи Белгиецот игра на истата позиција како и ѕвездата на „црвените“, па не е логично да се купат двајца крилни офанзивци кои играат по левата страна.