Македонската фудбалска репрезентација во недела ќе го пречека националниот состав на Ерменија, на арената „Филип Втори“. Избраниците на Игор Ангеловски ќе го одиграат првиот натпревар на домашен терен во рамките од Лигата на Нации, а мечот против тимот кој го предводи Хенрик Мхитаријан, е шанса да забележиме нова победа по вчерашниот триумф од 0-2 над Гибралтар.
Сениорите денес го одржаа предвидениот тренинг по враќањето од Гибралтар.
„Триумфот против Гиралтар го остваривме како што планиравме. Не се трошевме премногу, искористивме две шанси во првиот дел, и тоа беше доволно да ја забележиме посакуванат победа. Ерменија ќе биде потежок противник, тоа е неспорно, но, ние сме во одлична форма и не планираме да застанеме. Имаме време комплетно да се подготвиме, во соблекувалната владее оптимизам за позитивен резултат против ерменската селекција. Се надевам дека ќе добиеме и поддршка од трибините“, истакна Александар Трајковски.
„Одбраната одигра на високо ниво против Гибралтар, но, сепак ќе мора да бидеме далеку поконцентрирани во дуелот со Ерменија. Сите веруваме дека можеме да оствариме триумф во недела, имаме одлична низа на резултати и доколку пристапот ни биде на ниво како на претходните мечеви, серијата може и натаму да трае. Очекувам и поддршка од публиката и заедно да се радуваме на нова победа“, истакна Кире Ристевски.