Валенсија и како гостин го победи Уникс Казан, а Алба Берлин двапати беше подобра од Морабанк Андора, па шпанскиот и германскиот тим ќе се борат за титулата во Еврокупот. Шампионот на Еврокупот добива место во Евролигата, па финалето кое почнува на 9 април со домашна предност на Валенсија, е многу значајно за двата тима на кои ова им е најдобра прилика да се најдат во елитата, бидејќи преку првенството тешко дека ќе изборат место.
Валенсија денеска стана првиот тим кој сезонава му нанесе пораз на Уникс во Казан. За Валенсија ова е прилика да дојде до четврта титула во Еврокупот, а капитенот Рафа Мартинес може да стане првиот играч со три титули во ова натпреварување.
Албатросите од Берлин, спречија шпанско финале, но ќе имаат тешка задача во финалето, бидејќи Валенсија има серија од 14 победи по ред во Еврокупот. За Алба, ова е второ финале во Еврокупот.