Кристијан Панучи ја заврши лошата епизода како селектор на Албанија и доби отказ по поразот од Турција. Премиерниот меч за Албанците во новиот квалификациски циклус за настап на ЕП 2020 година беше и последен за италијанската легенда на кормилото на националниот тим. Турција вчера славеше со 2:0 на „Лоро Боричи“.
Панучи немаше успеси и во Лигата на Нации, а Албанија заврши како последнопласирана во првата група од Ц сегментот со три бода и гол-разлика 1:8 во дуелите со Шкотска и Израел.
„Официјално ја прекинуваме соработката со селекторот Кристијан Панучи. Му благодариме за досегашната работа со нашата репрезентација и му посакуваме успех во неговата идна кариера. Тандемот Ервин Булку и Сулејман Мема ќе го предводат нашиот национален состав на вториот квалификациски меч против Андора“, соопштија од албанската фудбалска федерација.
По големиот успех и настап на ЕП 2016 година Албанците влетаа во криза и немаат ни приближно успеси, како историскиот настап на контиенталниот шампионат пред три години.