Н’голо Канте, фудбалерот од средниот ред на Челзи, е среќен во лондонските „сини“ и засега не би прифатил преселба во ПСЖ, Јувентус или Реал Мадрид како клубови за кои се шпекулира дека се заинтересирани за него.
Искусниот Канте е еден од најдобрите на светот на неговата позиција, француски репрезентативец е, па нормално е што го бараат најголемите клубови. Во изјава за една француска телевизија, Канте кажа дека не го интересира кои клубови би сакале да го земат во своите редови.
„Јас сум играч на Челзи и не ме интересираат други клубови. Не знам што се шпекулира, но јас мислам само на Челзи. Дури и Зидан да ми се јави и да побара да одам во Реал, не е важно, нема да го сменам мислењето“, изјави Канте, кој има договор со Челзи до 2023 година и по доаѓањето на Жоржињо, игра уште подефанзивно во тимот.
За разлика од Канте, Пол Погба не е толку цврсто убеден дека сака да остане во Манчестер јунајтед и флертува со Зинедин Зидан и Реал Мадрид, а и други фудбалери кои се од земји во кои се зборува француски, јавно кажуваат дека би сакале да играат за тренерот Зидан.