Челзи во април на сослушување

ФИФА го прифати апелот од Челзи за казната која клубот ја доби пред еден месец. Сослушувањето е закажано на 11 април, а лондончани ќе можат да се оправдаат и да се обидат да ја намалат забраната за купување играчи во следните два преодни рока. Во најмал случај, ќе се обидат да го преместат едното ембарго за летниот преоден рок во 2020 година, односно да бидат ослободени да ангажираат фудбалери ова лето, пред почетокот на сезоната 2019/20.

Доколку Челзи не успее да се оправда кај ФИФА, среќата ќе ја пробаат кај Судот за спортска арбитража.

Според првичната казна, Челзи нема право да купува играчи ова лето, како и следниот зимски преоден рок, а доколку ФИФА не ја смени одлуката, клубот ќе ги затвори вратите на сите играчи кои бараат излез од „Стемфорд бриџ“.

Тоа значи дека шансите за најавениот трансфер на Еден Азар во Реал Мадрид речиси ќе бидат минимални бидејќи „сините“ не ќе можат да доведат адекватна замена. Белгиецот ќе мора да чека да му истече договорот во јуни 2020 година, па како слободен играч да замине од англиската метропола.

Исто така, на помилување од ФИФА се надева Адреас Кристенсен. Дефанзивецот планира да си замине од Лондон по крајот на оваа сезона во потрага по клуб каде што редовно ќе добива шанса за настап, а доколку Челзи не може да купува играчи, тој не ќе може да си замине.

„Како што стојат работите, ја сум во тешка ситуација. Од клубот ни потенцираа дека ниту еден играч нема да добие дозвола да го напушти ако одлуката остане иста. Доколку не се тргне ембаргото, не ќе можам да се преселам во екипа каде што ќе играм повеќе“, истакна Кристенсен за данските медиуми.

- Оглас -

Најнови вести