Привремениот селектор на Аргентина, Лионел Скалони, одлучи да ги изостави од составот за пријателската средба со Гватемала ѕвездите Мауро Икарди и Пауло Дибала. Потоа Аргентина ќе игра и со Колумбија, а на таа средба, Икарди и Дибала ќе бидат резерви.
Дибала сезонава играше 100 од можните 270 минути за Јувентус, па од селекторот Скалони побара да задоцни на подготовките, бидејќи имал приватни проблеми. Тој на 13 меча за „алби-селесте“, уште нема дадено гол.
На СП, Дибала грееше клупа и ретко добиваше шанса бидејќи игра на иста позиција со Лионел Меси. Икарди не беше ниту повикан од екс-селекторот Хорхе Сампаоли.
Место во почетниот тим на Аргентина ќе има за 23-годишниот Џовани Симеоне. Напаѓачот на Фиорентина и син на тренерот на Атлетико Мадрид, ќе добие прилика на дуелот со Гватемала во Лос Анџелес да покаже дали е доволно добар за да биде опција за репрезентацијата која има многу добри напаѓачи како Агуеро, Игуаин, Икарди…