Награда за чудесните подвизи – Солскјер потпиша тригодишен договор со Манчестер јунајтед

Оле Гунар Солскјер потпиша тригодишен договор со Манчестер јунајтед по серијата чудесни подвизи и одлични резултати.

Норвежанецот пристигна како привремен тренер кај „црвените ѓаволи“ на 19 декември лани и направи чудо. Стартуваше со 8 победи и, што е најважно, експресно ја смени ситуацијата во таборот на најтрофејниот англиски клуб. Вкупно на 19 натпревари има 14 победи, две нерешени и само 3 порази, а со него на клупата Манчестер јунајтед освои најмногу бодови во тој период од сите премиерлигаши.

Како шлаг на тортата дојде сензационалната елиминација на Пари Сен Жермен по поразот дома од 0-2. Со триумфот во Париз со 3-1, Јунајтед се пласираше во четвртфиналето на Лигата на шампионите, што беше клучно за одлуката на менаџментот Солскјер да потпише договор и да остане како долгорочно решение на позицијата менаџер на клубот за којшто играше во минатото.

„Од првиот ден кога се вратив, се чувствував како да сум повторно дома во овој клуб што е специјален за мене. Ми беше чест што играв во Манчестер и што тука ја почнувам мојата кариера како тренер. Ова беа неколку фантастични месеци за мене и им благодарам на сите што се во клубот. Ја добив работата за која сонував и се надевам дека ќе продолжиме со уште подобри резултати“ изјави Солскјер.

 

- Оглас -

Најнови вести