Постојат 500.000 начини да се дојде до победа, ние го одбравме најгрдиот

Киксот на одбраната на Тотенхем, кој Ливерпул го претвори во гол за победа во вчерашното премиерлигашко дерби, ја одржа неизвеноста во трката за шампионската титула. „Црвените“ со автоголот на Тоби Алдервејрелд во 90-тата минута од мечот останаа на чело на табелата со два бода пред Манчестер сити (натпревар помалку) во пресрет на последните шест кола, а менаџерот Јирген Клоп вели дека некогаш потребна е среќа за да се дојде до посакуваната цел.

„Постојат повеќе од 500.000 начини да се дојде до победа, ние го одбравме најгрдиот. Но, без малку среќа, немаше да бидеме во оваа позиција во којашто се наоѓаме. Засега сме први, ако и до крајот од сезоната останеме на врвот, тоа е затоа што имавме волја и желба да бидеме најдобри. Не е важно кога и на каков начин ќе постигнеме гол, она што мене ме засега е крајниот исход од мечот“, истакна Клоп.

Лукас Мура израмни на 1-1 на дваесетина минути пред крајот на средбата, но домаќините со помош на неизмерната поддршка од трибините дојдоа до посакуваните бодови.

„Добивме огромна поддршка од публиката, особено откако го примивме израмнувачкиот гол. Откако сум во Ливерпул, не сум доживеал подобра реакција од нашите навивачи, Тотенхем израмни, но тие ни дадоа самодоверба и во самиот финиш ги израдувавме“, додаде германскиот стратег.

До крајот на шампионатот, во Премиер лигата остануваат шест натпревари, Ливерпул во следното коло гостува кај Саутхемптон, додека Манчестер сити на домашен терен го пречекува Кардиф. По 32 меча, „црвените“ имаат 79 бода, два повеќе од актуелниот англиски првак, кој има и натпревар помалку.

- Оглас -

Најнови вести