Тотенхем загуби на свој терен од Барселона со 2-4, но играчот на домаќините, Ерик Ламела, влезе во историјата на Лигата на шампиони.
Според статистиката, токму Ламела со погодокот што го даде во 66-тата минута е стрелец на јубилејниот 8.000-ти погодок во историјата на Лигата на шампиони. Ова може да биде само мала утеха за Ламела, бидејќи лондончани постојано бркаа негатива.
Голот што го даде Филип Кутињо во 92-рата секунда од средбата е најбрзиот погодок на Барселона постигнат на гостински терен во ЛШ. Евроголот на Ракитиќ е 600-ти погодок за Барселона во елитната лига на УЕФА, вклучувајќи ги и квалификациите.
Свое шоу на овој меч имаа и Жорди Алба и Серхио Бускетс. Алба стана само втор дефанзивец кој успеал да асистира за три гола на еден меч во ЛШ. Претходно тоа му имаше успеано само на Филип Лам, во дресот на Баерн Минхен во 2012 година. Играчот од средниот ред на Барселона, Бускетс, имаше 67 додавања на средбата и сите 67 му беа прецизни.