Рафаел Надал со нетрпение го чека неговиот омилен период од сезоната, кога се играат тениски турнири на земјена подлога, но изјавата на неговиот чичко и тренер, Тони Надал, е загрижувачка.
„Рафа веќе не е тенисер, тој е човек со многу повреди што игра тенис. Има сериозни проблеми, но е голем борец и нема да се предаде. Сака да игра уште две до три сезони“, изјави Тони.
Шпанскиот ас со години е неприкосновен на турнирите на земјени подлоги, а урна и неколку рекорди. Има дури 57 титули на турнирите што се играат на најбавната подлога во тенисот, што е апсолутен рекорд, со 24 трофеи од Мастерс турнирите на земја исто така е рекордер, а осумте титули во Рим и по 11 во Барселона и во Монте Карло се недостижни за конкуренцијата.
Рафа е единствениот на светот што го има освоено таканаречениот „Clay Slam“, односно пехарите на трите Мастерси на земјена подлога во Рим, Монте Карло и Мадрид во иста сезона.
За Ролан Гарос веќе се знае, има 11 трофеи, што е најмногу на тенисер на ист гренд слем турнир во историјата на тенисот.