Актуелниот англиски првак Манчестер сити со сигурни 2-0 над Кардиф ја запиша 26-тата овосезонска победа во Премиер лигата и изби на првото место на табелата. Кевин де Бројне и Лерој Сане уште во првите 45 минути ги осигураа бодовите за „граѓаните“, па сега, на пет меча до крајот на шампионатот, одново се на првото место со еден бод повеќе од Ливерпул.
Челзи со убедливи 3-0 го совлада Брајтон на домашен терен, победа со која „сините“ направија подвиг на табелата и се израмнија по бројот на бодови со Арсенал на делба на четвртата позиција, „топчиите“ имаат подобра гол-разлика, па затоа се на четвртото место.
За првиот гол се чекаше до 38-мата минута, кој го постигна Жиру, а во вториот дел Азар и Лофтус-Чик само за три минути ја тресеа мрежата на гостите и ја донесоа 19-тата победа за Челзи во англискиот шампионат.
Тотенхем тргна со победа од 2-0 над Кристал палас на нивниот нов стадион, избраниците на Маурисио Покетино ја прекинаа низата од пет меча без триумф во Премиер лигата, па со овие три бода повторно се вратија на третото место на табелата, со еден бод повеќе од градските ривали Арсенал и Челзи.
Сон и Ериксен беа „виновниците“ за поразот на Кристал палас, голови кои ги постигнаа во 55-тата, односно 81-та минута од мечот.