Манчестер и со Солскјер падна на шестото место на табелата, Норвежанецот брка пола тим

Оле Гунар Солскјер неодамна доби тригодишен договор од Манчестер јунајтед и норвешкиот стратег треба да е човекот кој ќе го врати клубот на шампионските патеки. Сепак, пред да почне да размислува за титулата, Солскјер има една друга мисија. „Црвените ѓаволи“ сезонава се во трка за место кое води во Лигата на шампионите. Ова ќе биде тешко да се реализира ако се знае дека за две позиции се тркаат Арсенал, Челзи, Тотенхем и Манчестер јунајтед.

Во оваа конкуренција, Манчестер моментно е во најлоша позиција. По поразот од Вулверхемптон и победите на Арсенал, Тотенхем и Челзи, најтрофејниот англиски клуб падна на шестото место на табелата во Премиер лигата. Тоа е позицијата од која и стартуваше Солскјер кога дојде на местото на Жозе Мурињо.

Сепак, разликата од тогаш до сега е тоа што во декември Манчестер заостануваше со двоцифрен број поени зад екипите кои беа во трка за место во ЛШ, а сега се со реални шанси да се надеваат на место во елитата. По поразот од Вулверхемптон, започнаа шпекулациите за тоа кои играчи ќе си одат од „Олд Трафорд“ на крајот од сезоната. Според најавите, на излезна врата се Андер Ерера, Алексис Санчес и Хуан Мата, а заминување најавија и Антонио Валенсија и Матео Дармијан.

Доколку се случи овие петмина играчи да си заминат, тоа ќе биде најголемата „чистка“ во Манчестер во последните неколку години.

 

- Оглас -

Најнови вести