По 12 години, во Евролигата конечно еден кошаркар успеа да направи трипл-дабл. Станува збор за плејмејкерот Ник Калатес од Панатинаикос, кој вечерва во последното коло од регуларната сезона против Будуќност имаше 11 поени, 18 асистенции и 11 скока.
Пред Калатес, трипл-дабл во Евролигата имаше направено само Хрватот Никола Вујчиќ, во времето (во ноември 2005 и ноември 2006 година) кога играше за Макаби Тел Авив. Со 18-те асистенции, Калатес дојде на второ место зад Стефан Јовиќ, кој како играч на Црвена ѕвезда имаше 19 асистенции на меч во 2015 година.
Панатинаикос победи со 87-67 и го освои шестото место на табелата, кое му носи четвртфинале против третиот Реал Мадрид, со кого и лани играа во истата фаза, но тогаш ПАО ја имаше домашната предност. Реал вечерва беше поразен од Жалгирис со 86-93, па и Литванците се најдоа во плејофот.
Четвртфиналните двојки во Евролигата се: Фенербахче – Жалгирис, ЦСКА Москва – Басконија, Реал Мадрид – Панатинаикос и Анадолу Ефес – Барселона.