Солскјер утре ќе биде гостин на „Камп ноу“, ќе има двојна задача

Барселона и Атлетико Мадрид ќе го одбележат утрешниот ден, лидерот против моментално втората најдобра екипа во Шпанија ќе игра на „Камп ноу“, во дербито од 31-то коло во Ла Лига. Каталонците со победа би биле чекор поблиску до одбрана на титулата, додека „јорганџиите“ имаат намера да изненадат и барем за момент да ја вратат неизвесноста во трката за тронот.

На тој меч Барселона ќе има гостин во ВИП ложата, најавено е дека менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, ќе го скенира дербито од две причини. Јунајтед викендов нема обврски во англискиот шампионатот, последниот меч го одиграа пред три дена, кога загубија од Вулверхемптон со 2-1, па слободното време Солскјер го користи да го анализира следниот противник. Барселона е предизвикот на „црвените ѓаволи“ во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а веќе во среда ќе се одигра првата пресметка која е закажана на „Олд Трафорд“. Норвежанецот има задача да ги открие сите слабости на шпанскиот првак, но и да најде начин како да го спречи разиграниот Лео Меси.

Она што го интересира Сослкјер е фудбалерот за врска на Атлетико, Саул Нигез. Јунајтед крои планови да го обнови средниот ред во текот на летниот преоден рок, а токму плејмејкерот на „јорганџиите“ е на врвот на листата со желби кај норвешкиот стратег. Во Саул гледа како идеална замена за Ерера, но и Мата, кои по крајот на оваа сезона најверојатно ќе го напуштат Манчестер, поточно откако ќе им завршат договорите.

Дербито Барселона  – Атлетико Мадрид е предвидено за утре, во вечерниот термин од 20:45 часот, додека против Манчестер јунајтед на „Олд трафорд“ Каталонците гостуваат во среда, мечот кој е закажан за 21 часот.

- Оглас -

Најнови вести