Американскиот бек Џејмс Вудард, кој беше најкорисен поединец во првото коло од АБА 2-лигата, во вториот настап во дресот на МЗТ Скопје Аеродром се истакна во еден друг елемент – „крадење“ топки. Вудард на средбата со Борац Чачак имаше дури седум освоени топки, што е доказ дека тој е одличен дефанзивец.
Пресекувањето на топките при противнички додавања беше неговиот специјалитет против Борац и со тоа се овозможија доста поени од контранапади на „штрковите“.
Вудард повторно беше најкорисен кај МЗТ, ако се гледа индексот на корисност и разликата која тимот ја направи додека тој беше на паркетот, но феноменалната одбрана беше она со што воодушеви. По две кола, Вудард има девет украдени топки и засега е лидер во оваа статистичка категорија. Може да биде престигнат само од Адин Врабац од Спарс, кој во првата рунда имаше пет освоени топки, а попладнево ќе го има својот втор настап.
Она што е речиси сигурно е дека Вудард со седум освоени топки, ќе биде прв „крадец“ во второто коло од регионалната лига, во која по двете кола, ќе има само три екипи без пораз.