Тренерот на Челзи, Маурицио Сари, се најде во незавидна ситуација. Вечерва треба да игра меч од Премиер лигата и да се бори за три бода во трката за место кое води во Лигата на шампионите, а потоа и да се подготви за дуелот против Славија Прага во меч од Лигата на Европа. Тоа значи дека само за 72 часа, Челзи ќе одигра два тешки меча, од кои едниот е на гости во Прага.
Сари уште кога беше тренер на Наполи беше незадоволен од тоа што неговиот тим имаше малку време да се подготви за европските дуели, а сега во Англија му е уште потешко. Игра и во понеделник.
„Не разбирам зошто мора да играме во понеделник. Многу е чудно. Мислам дека може да се направи повеќе за англиските тимови во Европа. Дури би одвоил и дел од својата плата само да се сменат некои работи“, рече револтираниот Сари.
Челзи вечерва во 21 часот на „Стемфорд бриџ“ го пречекува Вест хем во борба за да стигне до три значајни бода. Домаќините моментно се на петтото место на табелата со 63 бодови, колку што има и Арсенал на четвртата позиција, додека Тотенхем со 64 бодови е трет. Зад Челзи е Манчестер јунајтед со 61 бод. Овие четири екипи се во борба за две позиции кои водат во Лигата на шампионите за следната сезона.