Албанците ќе прават хет-трик со селектор Италијанец – Прв пик е Еди Реја

Еди Реја е најсериозен кандидат за нов селектор на Албанија, а ако се договори со челните луѓе на Фудбалската федерација, ќе го наследи сонародникот Кристијан Панучи.

Италијанското радио „Кис кис“ објави дека преговорите со Реја се во завршна фаза и тој е прв пик за нов селектор на Албанија.

Панучи доби отказ по серијата слаби резултати и особено по неуспехот во Лигата на нациите. Албанците по стартната победа против Израел, забележаа три порази по ред со гол-разлика 0-8 и беа последни во група во којашто беше уште и Шкотска и се преселија во понизок ранг.

Потоа следуваше и пораз од Турција на домашен терен на стартот од квалификацискиот циклус за ЕП 2020 година и повторно без постигнат гол, по што стигна и отказот за Панучи. Пред него селектор беше Џани де Бјази, со кого Албанците забележаа историски успех и прв настап на големо натпреварување, откако се пласираа на Европското првенство во 2016 година.

Реја е еден од највозрасните тренери во Италија, има 73 години и бил тренер на 22 клуба од различни рангови на натпреварување. Од попознатите ги предводеше: Лацио, Наполи, Аталанта, Болоња, Верона и сплитски Хајдук.

 

- Оглас -

Најнови вести