Црвена ѕвезда оствари нова убедлива победа над Будуќност со високи 107:69, па сега белградскиот состав е на чекор од освојување на четвртата титула во АБА-лигата. Во полната сала „Александар Николиќ“, или попозната како „Пионир“, се случи вистинска рапсодија во изведба на кошаркарите во црвено-бели дресови приредувајќи нов дебакл на актуелниот јадрански првак.
Сите четири периоди им припаднаа на домаќините, додека Црногорците во ниту една од нив не реализираа повеќе од 19 поени. Уште по паузата, Ѕвезда имаше сигурни +16 поени предност, а вистинската моќ ја демонстрираа во последниот период, во кој дојдоа и до највисоки +40 поени предност.
Перпероглу беше најефикасен од редовите на Црвена ѕвезда со 17 поени, додека Риверс придонесе со 14 поени и пет асистенции. Кај поразените, Гордиќ беше најрасположен со 11 поени, по 10 поени додадоа Баровиќ и Бел.
Финалната серија се сели во Подгорица, а Ѕвезда во „Морача“ ќе има шанса со „метла“ да ја освои четвртата јадранска титула.