Претседателите на УЕФА, Александар Чеферин, и на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, првпат се сретнаа во седиштето на УЕФА во Нион откако Сејдини беше избран за претседател на ФФМ.
Сејдини и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, денеска во Швајцарија остварија официјална средба со претседателот на Европската фудбалска федерација. Чеферин ја потврдил поддршката која нашата Федерација ја добива од УЕФА.
„Почестен сум што имам можност да се сретнам со Муамед. Се восхитувам на ентузијазмот којшто тој го покажа во разговорите за идните проекти. Со задоволство можам да потврдам дека УЕФА ќе остане цврст партнер на ФФМ и ќе ги поддржи во нивните развојни стратегии“, изјавил Чеферин.
Сејдини изјави дека како Федерација, во ФФМ се исклучително горди и среќни што во УЕФА имаат одличен партнер и на првиот човек на УЕФА му подари дрес од македонската репрезентација со презимето Чеферин на грбот.