Клоп е „криптонитот“ на Гвардиола

Недела е денот кога ќе се судрат двете најдобри екипи во Премиер лигата. Ќе биде дерби во секоја смисла, и на теренот, и покрај аут линијата. Несомнено двата најголеми „мозоци“ во англискиот фудбал во последно време, Јирген Клоп и Пеп Гвардиола, по 15-ти пат ќе ги водат своите екипи еден против друг, а „Енфилд роуд“ е подготвен за уште еден спектакл.

„Тие ме плашат, многу се опасни, навистина го мислам тоа“, вели Гвардиола во една епизода од документарецот за шампионската сезона 2017/18 на Манчестер сити, а изјавата се однесува за Ливерпул.

Манчестер сити и Ливерпул се две од трите непоразени екипи покрај Челзи во Премиер лигата оваа сезона, а овој дуел може да го одреди текот на борбата за титулата во следниот период, иако е рано да се предвидува кој би можел да биде шампион по крајот на сезоната. Да ги оставиме тие пресметки за некој нареден пат, фокусот го насочуваме кон германскиот и шпанскиот стратег.

Имено, Клоп е единствениот стратег кој се соочил 10 или повеќе пати со Гвардиола, а да има позитивен скор во меѓусебните дуели, како тренер на Ливерпул и Борусија Дортмунд. Поточно, на 14 меѓусебни пресметки, Германецот победил на осум, еден меч се одигра нерешено, додека пет пати бил подобар Пеп. Значи, Клоп има процент од 57% според победите.

Останатите менаџери кои 10 или повеќе пати биле противници на Гвардиола, сите имаат негативен скор. Мурињо има пет победи, шест реми и 10 порази (24% победи), Венгер има три победи, три реми и осум порази (18% победи), Покетино има две победи, четири реми и седум порази (15% победи).

Значи, Клоп е „криптонитот“ на Гвардиола, како што зелениот камен е за Супермен, во научно-фантастичниот филм.

Ривалството започна во 2013 година, кога Гвардиола застана на клупата на Баерн Минхен, а на првиот натпревар како предводник на „баварците“ загуби од Клоп и неговиот Дортмунд со 4-2 во германскиот Суперкуп.

Дали Клоп повторно ќе го надмудри Гвардиола, ќе се дознае во недела во 17:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести