Актуелниот кошаркарски шампион и освојувач на Купот, Работнички, ќе ја почитува одлуката на Македонската кошаркарска федерација и одлучи натпреварот од второто коло на Суперлигата против Кожув закажан за в четврток, во 18 часот, да го игра во „ВИП арената“ на спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Работнички и во минатото има играно важни средби во најголемата сала. Најверојатно клубот сите преостанати мечеви сезонава ќе ги игра таму, освен ако не се случи набрзина да ги исполни сите барања, па да му биде дозволено да се врати во својот вистински дом. Засега е сигурно дека дуелот со Кожув задутре ќе се игра во „Борис Трајковски“, а многу брзо ќе се знае и дали клубот дефинитивно останува таму до крајот на сезоната.
Второто коло од Суперлигата почнува утре, со дуелот Гостивар – Куманово, а в петок МЗТ Скопје Аеродром ја пречекува Блокотехна.