Французинот Антоан Гризман сака играчката кариера да ја заврши во МЛС лигата во САД, а како омилена дестинација, го спомна новиот клуб Интер Мајами, кој е во сопственост на поранешниот англиски капитен и играч на Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, Дејвид Бекам.
Клубот на Бекам во 2020 година ќе почне да се натпреварува во МЛС лигата, а веќе се шпекулира кои фудбалери ги има на листата како потенцијални засилувања.
„Ако Бекам ме сака во неговиот клуб, би отишол. Сакам кариерата да ја завршам во САД. Ги сакам менталитетот и културата на Американците. Не знам дали би заиграл за клубот од Мајами или за тим од Лос Анџелес, но тие ми се омилени градови“ – изјави Гризман, кој има 27 години, и крајот на кариерата му е далеку.
На 213 меча за Атлетико Мадрид, Гризман даде 113 гола, а за француската репрезентација има 24 погодоци на 62 настапи. Годинава ги освои Светското првенство, Лига Европа и европскиот Суперкуп.