Никогаш немам играно ваков луд и драматичен меч во кариерата, вели Хеунг-мин Сон, стрелецот на два од трите погодоци за Тотенхем во четвртфиналниот реванш-меч против Манчестер сити.
Дуелот заврши со пораз што е рамен на победа за лондончани, кои се пласираа во полуфиналето и ќе играат со Ајакс за пласман во големото финале.
„Имавме и доза среќа бидејќи ВАР-системот потврди дека голот што го постигнаа домаќините не е регуларен. Игравме храбро и заслуживме да се пласираме во полуфиналето во Лигата на шампионите по еден неверојатно драматичен и луд меч. Морам да ги пофалам и соиграчите бидејќи сите заедно игравме храбро“, изјави Сон.
Во полуфиналето ќе гледаме дуел на двете најголеми изненадувања сезонава во Лигата на шампионите, а Сон и соиграчите ќе бидат домаќини на првиот меч на 30 април. Реваншот е во Амстердам на 7 мај.