Манчестер јунајтед одамна не се посрамотил вака

Евертон околу еден час си поигруваше и ја полнеше мрежата на Манчестер јунајтед, па дојде до незаборавна победа од 4-0.

Евертон и Манчестер јунајтед се соседи на табелата, тимот од Ливерпул е седми и заостанува 15 бода зад Јунајтед, но на терен изгледаше како „карамелите“ да се далеку пред Манчестер.

Ришарлисон со „ножички“ го отвори резултатот. За Бразилецот, ова е само втор гол на 23 меча против Топ 6 екипите во лигата. Потоа гол со шут од далечина даде Гилфи Сигурдсон, кој има пет гола и три асистенции против Јунатед, подобар учинок отколку против било кој друг тим во Англија. И третиот гол на Лукас Дињ беше со шут од надвор од 16-никот, а Тео Волкот во 64 минута го најави дебаклот. До крај, немаше голови, но и овие 4-0 се срамни за гостите.

Манчестер јунајтед е клубот од кој Евертон има загубено најмногу натпревари, па затоа секој триумф над „црвените ѓаволи“ е посебно сладок.

Продолжи традицијата која вели дека Евертон никогаш не загубил меч на „Гудисон парк“ кога водел со два или повеќе голови разлика на полувреме.

Белгиецот Ромелу Лукаку по лошо ќе го памети мечот на кој стана најмлад странец кој стигнал до 250 настапи во англиската Премиерлигата. Лукаку има 25 години и 343 дена, и го надмина досегашниот рекорд на Велшанецот Рајан Гигс.

Манчестер сезонава има примено 48 гола, повеќе од било кога во претходните 40 години, а сега за првпат по март 1981 година им се случува да загубат на пет гостувања по ред во сите натпреварувања.

- Оглас -

Најнови вести