Челзи освои еден, а всушност загуби два бода против Барнли откако пред своите навивачи одигра само 2-2 во дуел од англиската Премиер лига.
По овој кикс, Челзи не го престигна Тотенхем и им даде шанса на Арсенал и Манчестер јунајтед да го стават во незгодна позиција во трката за местата кои водат во Лигата на шампионите. На Челзи со Роман Абрамович како газда досега не му се случило две сезони по ред да биде без учество во ЛШ. Шанса за враќање во елитата имаат и преку Лигата на Европа, каде што уште се во игра да ја освојат титулата.
Ако се гледаат резултатите само во 2019 година, Барнли би бил петти и во оваа година има еден бод повеќе од Челзи. Со бодот освоен на „Стемфорд бриџ“, Барнли речиси и теоретски си обезбеди опстанок.
Еден Азар има постигнато 9 гола во понеделниците, но вечерва не погоди, а Челзи само еднаш на 21 меч загубил кога играл во понеделнички термин. Сепак, тие се незадоволни само со еден бод. Челзи стана и деветти клуб во историјата на Премиер лигата со примени 1.000 гола. „Сините“ сезонава дома примија два гола и против Манчестер јунајтед во октомври.