Енис Барди можеби не е најдобриот фудбалер од средина на терен во светот, но сите му се плашат кога треба да шутне слободен удар, и по стилот на игра и техника која ја поседува, потсетува на некогашниот играч на Атлетико Мадрид, Милинко Пантиќ.
Со вакви зборови, шпанските медиуми го опишуваат тоа што 23-годишниот Барди го прави по терените во минатата и на почетокот на оваа сезона. Се докажа како мајстор за слободни удари. Денеска испрати прецизна бомба од 27 метри и на Леванте му донесе победа.
„Луксуз е да се има играч со прецизен шут како Енис во својот тим. Тој ни го отвори патот“ – изјави тренерот на Леванте, Пако Лопес.
Барди рече дека е среќен што за првпат сезонава постигнал гол.
„Среќен сум за својот прв гол сезонава. Игравме добро, бевме компактни, и заслуживме да освоиме три бода. Секогаш е тешко да се гостува кај Хетафе. На полувреме се договоривме да ја држиме топката подолго и фала му на Бога, победивме“ – рече Барди.