Кога стартуваше плејофот во НБА-лигата, прогнозите беа дека шампионот Голден стејт треба да се прошета во дуелот со Лос Анџелес клиперс. Сепак, тимот од ЛА одбива да се предаде и му создава многу мака на фаворитот. Голден стејт имаше водство од 3:1 во победи и играше на свој терен утрово, но наместо да обезбеди место во полуфиналето на Западот, гостите направија изненадување. ЛА клиперс победи со 129:121 и намали на 2-3, што значи дека ќе има најмалку уште еден меч од оваа серија.
Клиперс двата меча што ги доби против „воините“ беа на гостински терен, а интересно е тоа што првата победа беше со историскиот камбек кога губеа со 31 разлика, а на крајот славеа. Сега не мораа да надополнат толку голема негатива, но стигнаа до победа која им обезбеди нов меч на свој терен.
Лу Вилијамс, кој е синоним за најдобар шести играч во лигата, влезе од клупата и даде 33 поени, а Италијанецот Данило Галинари додаде 26 поени. Кај Голден стејт одлично се покажа триото Дурант (45 поени), Кари (22), Томпсон (22), кога одбраната беше очајна.
Хјустон не дозволи изненадување како Голден стејт, па со 4:1 ја елиминираше Јута џез. Џејмс Харден даде 26 поени и повторно беше предводник на „ракетите“ кои го трасираа патот до конференциското полуфинале. Хјустон на крајот победи со 100:93