Бјерингбро Силкеборг беше подобар од Металург, и на тимот од Автокоманда му го нанесе четвртиот пораз во четвртиот настап во групата Ц од Лигата на шампиони во ракомет. После негатива од 14-16 по првото полувреме, Металург падна во вториот дел и загуби со убедливи 25:33.
Она што му се повторува на Металург на секој натпревар, и овојпат беше случај. Сценариото речиси секогаш е добро и рамноправно прво полувреме, а потоа пад во играта и пораз на Металург.
Халил Јагањац даде 10 гола (од 15 шута) и беше прв стрелец на мечот, а Филип Арсеновски и Анте Токиќ реализираа по 4 гола, со што беа најрасположени во нападот на поразениот тим.
Македонскиот тим на гостувањето во Данска имаше поддршка од еден свој навивач од германскиот град Хановер. Човекот пропатувал 500 километри за да го гледа Металург, играчите му се потпишаа во неговиот албум со нивните слики, а претседателката Зорица Блажевска му подари дрес.