Tочно пред 26 години, на 30 април 1993 година, Гинтер Пархе приреди шок за целиот спортски свет и со нож во грбот ја прободе тенисерката Моника Селеш и со тоа запре развој на една блескава спортска кариера. Германскиот манијак кој бил навивач на ривалката на Селеш, Штефи Граф, за нападот не лежеше во затвор.
Селеш кога беше нападната во Хамбург за време на натпреварот против Бугарката Магдалена Малеева имаше само 19 години. Раната беше длабока речиси два сантиметри, но кај тогаш Југословенката родена во Нови Сад се всади страв и по тој психолошки крах нејзината кариера тука беше практично прекината.
Пархе, кој беше прогласен за ментално болен, беше казнет само условно на две години затвор и тоа дополнително придонесе Селеш да се плаши од враќање на тениските терени.
„Бев на врвот, не можеше да биде подобро, а тој ден само за еден момент ми се сруши светот. Се наведнав нанапред, сакав да се напијам вода и тогаш почувствував остра болка во грбот. Се свртев да видам зошто ме боли и видов човек со капа, долг кујнски нож и цинична насмевка. Се повлеков во свој свет. Повредата не беше толку тешка, но пеколот почна кога ја напуштив болницата. Долго патев од несоница, депресија и параноја. Благодарение на родителите успеав да излезам од тој пекол“, рече Селеш, која со 16 години беше најмладата освојувачка на „Ролан Гарос“ во историјата, а 1991 и 1992 година ги заврши како прва на ВТА-листата.
По нападот, таа почна да игра како Американка, но освои само уште еден гренд слем, Отвореното првенство на Австралија во 1996. Којзнае каква кариера ќе имаше да не беше нападот кој можете да го видите во видеото: