Вечерва ќе го добиеме вториот потенцијален финалист во Лигата на шампионите, а дуелот на „Камп Ноу“ помеѓу Барселона и Ливерпул ќе биде вистинско финале пред финалето, спектакл кој сите со нетрпение се чека, а ќе започне во 21 часот.
Ако никој не очекуваше дека Тотенхем и Ајакс ќе го создадат едниот полуфинален пар, сосема спротивни беа очекувањата за Барса и Ливерпул. Тие се меѓу најдобрите екипи во Европа сезонава, го докажаа тоа во неколку наврати, а сега во „битката на титаните“ ќе ги одмерат силите.
Повеќе од 98.000 гледачи ќе сведочат на спектаклот на „Камп Ноу“, а сите очи ќе бидат вперени кон индивидуалниот дуел меѓу Меси и Ван Дајк.
ИСТ БРОЈ НА ЕВРОПСКИ ТРОФЕИ ОД ЛШ, ИСТО БРОЈ НА ОДИГРАНИ ФИНАЛИЊА
Барселона и Ливерпул делат 10 титули во Лигата на шампионите, по пет, а двете екипи по осум пати се пласирале во финалето. Првиот пат кога Каталонците стигнаа до борба за пехарот, загубија од Бенфика со 3-2 во сезоната 1960/61. Чекаа 25 години за повторно да се најдат во завршницата, а и тогаш загубија. Пораз од Стеауа Букурешт претрпеа на пенали со 2-0, откако немаше голови по 120 минути.
Третиот обид се покажа како среќен. Барселона за првпат стана шампион на Европа во сезоната 1991/92, во финалето славеа со минимални 1-0 против Сампдорија. Од тогаш загубија само уште едно финале, од Милан, додека трофејот го освојуваа уште против Арсенал, во два наврати против Манчестер јунајтед, и во 2015 година против Јувентус.
Ливерпул уште во првиот обид дојде до европската круна. Во сезоната 1977/78, славеа со 3-1 против Мехнегладбах, а веќе следната сезона го одбранија пехарот со победа над Клуб Бриж од 1-0. Во 1981 година во финалето се сретнаа со Реал Мадрид, а Црвените тогаш направија „три од три“ во финалињата, и трет пат станаа европски првак.
Последен пат Ливерпул беше шампион на Европа во 2005 година. Сите се сеќаваат на спектакуларното финале против Милан, во кое се вратија по три гола негатива и по изведување на пенали по петти пат станаа прваци. Трите финалиња кои ги загубија се против Јувентус во 1985 година, Милан во 2007 година и против Реал Мадрид во ланското финале.
БАРСЕЛОНА ИМА НЕВЕРОЈАТНА НИЗА НА ДОМАШЕН ТЕРЕН, А СЕ ЧЕКА 500-ОТ ГОЛ ВО ЛШ НА „КАМП НОУ“
Каталонците ја имаат најдолгата низа без пораз на домашен терен во најелитното европско натпреварување. Во 31 натпревар пред свои навивачи, оствариле 28 победи и само три пати издвојувале реми. Во својата мрежа дозволиле само 15 погодоци, при тоа само една екипа во оваа серија успеала да постигне повеќе од еден гол на „Камп Ноу“. Тоа е Челзи, а „сините“ со конечните 2-2 во реванш-пресметката во полуфиналето ја елиминираа Барселона.
Шпанскиот првак вечерва ќе оствари јубилеј, на „Камп ноу“ се чека 500-от гол во Лигата на шампионите, а Реал Мадрид (551) е единствениот тим кој има повеќе од 500 гола на домашен терен во контитенталниот клупски собир.
НА БАРСА НЕ Ѝ ОДИ СО АНГЛИСКИТЕ ЕКИПИ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО, А ЛИВЕРПУЛ Е ЕДИНСТВЕНИОТ ТИМ ОД ОСТРОВОТ КОЈ СЕ РАДУВАЛ ВО КАТАЛОНИЈА
Црвените се единствениот англиски тим кој успеал да слави на „Камп Ноу“. Првиот пат тоа се случи во тогашниот УЕФА Куп, во сезоната 1975/76 Ливерпул триумфираше со 1-0, додека во рамки од полуфиналето од ЛШ во сезоната 2006/07, Црвените се радуваа по конечните 2-1.
Во корист на избраниците на Јирген Клоп е фактот што Барселона не се снаоѓа најдобро против англиски екипи во полуфиналната фаза. Каталонците само еднаш стигнале до финалето преку екипа од Островот, додека во три наврати биле елиминирани од Лидс, Манчестер јунајтед, и токму нивниот вечерашен противник Ливерпул.
НЕКОГАШ ГЛАВНИ АДУТИ НА ЛИВЕРПУЛ, СЕГА СУАРЕС И КУТИЊО ЌЕ СЕ ОБИДАТ ДА МУ НАШТЕТАТ НА ТИМОТ ОД „ЕНФИЛД“
Луис Суарес и Филипе Кутињо го напуштија Ливерпул поради две причини – Да го облечат дресот на шпанскиот великан, што беше нивен сон, а и да заиграат покрај еден од најдобрите на сите времиња, Лео Меси. И двајцата си го остварија сонот, а при тоа ги скршија срцата на сите фанови на Црвените, бидејќи беа миленици на популарната трибина „Коп“.
Oсобена љубов кон Ливерпул негува Суарес. Уругваецот е толку голем фан на екипата од „Енфилд“ што ќерката ја крсти по стадионот, Делфина. Тој одигра вкупно 133 натпревари во црвениот дрес, постигнувајќи 82 погодоци и 47 асистенции.
Кутињо требаше да биде предводник на овој Ливерпул, но неговата желба беше да игра во Шпанија, поточно за Барселона, па со трансферот вреден 140 милиони евра во јануари 2018 година си го оствари сонот. Иако остави длабока рана кај навивачите, Ливерпул и без него продолжи да се развива и веќе втора година во низа е во самата завршница на европското натпреварување.
Во 201 настап во дресот на Ливерпул, Кутињо запиша 54 гола и 45 асистенции во сите натпреварувања.
ПРЕТХОДНИ НАТПРЕВАРИ МЕЃУ БАРСЕЛОНА И ЛИВЕРПУЛ
30 март 1976 година, Барселона 0-1 Ливерпул (полуфинале УЕФА Куп, прв меч)
14 април 1976 година, Ливерпул 1-1 Барселона (полуфинале УЕФА Куп, втор меч)
5 април 2001 година, Барселона 0-0 Ливерпул (полуфинале УЕФА Куп, прв меч)
19 април 2001 година, Ливерпул 1-0 Барселона (полуфинале УЕФА Куп, втор меч)
20 ноември 2001година, Ливерпул 1-3 Барселона (втора групна фаза ЛШ)
13 март 2002 година, Барселона 0-0 Ливерпул (втора групна фаза ЛШ)
21 февруари 2007 година, Барселона 1-2 Ливерпул (полуфинале ЛШ, прв меч)
6 мај 2007 година, Ливерпул 0-1 Барселона (полуфинале ЛШ, втор меч)
БАРСЕЛОНА – ЛИВЕРПУЛ (21 часот)
Стадион: Камп Ноу, Барселона
Главен арбитар: Бјорн Кујперс (Холандија)
НАЈАВЕНИ ТИМОВИ:
Барселона (4-3-3): Тер Штеген, Роберто Пике, Ленгле, Алба, Бускетс, Артур, Ракитиќ, Кутињо, Суарес, Меси.
Ливерпул (4-3-3): Алисон, Александер – Арнолд, Матип, Ван Дајк, Робертсон, Фабињо, Хендерсон, Вајналдум, Мане, Фирмино, Салах.